I...sound of silence

четврток, октомври 06, 2005

Ништо за наслов 

Овој пост е посветен на луѓето што ми значат и за кои правам се за да ги задржам.
А, да, пак пишувам после долго време за кое искрено, се размислував дали да пишувам или не. Од проста причина што секогаш кога ќе седнев да пишувам нешто, напишано така, ми изгледаше многу лично за да го споделам со вас. Се извинувам за ова. И овој пост не е нешто нелично, но чувствував дека мора и дека сакам да го напишам.
Значи...несебично ги споделувам моментите на мое слободно време со луќето кои го сакаат тоа или со тие со кои јас сакам да бидам. Кога велам дека сакам, сакам. Кога почитувам некого, почитувам. На неколку наврати се покажало дека не секој го почитува тоа што го правам и тогаш се повлекувам. Се повлекувам за да не пречам, да не создавам ситуација луѓето да бегаат од мене. Додуша за ова последново, не ми се случило такво нешто зашто знам до каде можам јас, а до каде можат другите. Зошто да не се поклопиме? Во можностите, сакањето, дружењето. Едноставно, грубоста не е моја јака страна. Никако да научам да бидам поагресивна. Не е во мојот генетски код. Ако. Учам додека сум жива. Само не сакам да научам да бидам имуна од некои чувства и да станам нечувствителна и да газам и да не ми е гајле. Зашто ми е. И најважно, сега, во овој момент не сакам да изградам штит околу себе. Зашто нема да бидам јас. Но, очигледно кога-тогаш ќе мора. А, се плашам каква ќе бидам тогаш. Не можам да се замислам, а изгледа ќе морам. Ако се случи такво нешто, ништо нема да биде како порано. Ќе биде голема штета. Никогаш нема да си простам, ама пак, нема да можам поинаку. И најстрашно, ќе жалам долго време.
Толку. Фала на вниманието

вторник, септември 06, 2005

Јас на Кораб....yeah 

- Според последните мерења, испадна дека Кораб е повисок од Триглав. Досега сме биле во заблуда или некој сакал така да биде.
- Стварно. Ма дај.
Ова е разговорот помеѓу Македонци и Срби, планинари, рекреативци или некакви такви типови кои во неделата го искачуваа Кораб. Јас го слушнав овој муабет и слатко се изнасмеав. Делумно зашто на висина од 2.000 метри надморска височина испушташ душа и си мислиш дали да продолжиш или не, а делумно од гордост што ете, така Кораб е повисок од Триглав. Не ме прашувајте за бројки, колку е висок едниот, а колку другиот зашто кога Гооглате, ви излагаат погрешни информации и не сакам да се дменатирам самата себе си. Уф...значи, да се вратам на муабетот. Се искачив до 2.000 метри, на Мал Кораб. понатаму не можев. Искрено, беше многу стрмно, ама лепота беше невидена. Друштвото ми се погоди ептен. Имаше мала доза на скепса кај една особа, ама ај не сакам сега тоа да го кометирам. Инаку, ова ми е второ планинарско искуство. Поточно кажано, рекреативно. Првото ми беше во Полска. На Татрите, кои се високи некаде околу 1.700 и нешто метри. Додуша, патот до врвот беше асфалтиран, ама и разбирливо зашто ова им е атракција на Полјациве. Значи, сакам да кажам дека имам кониција, ама не сакам да се форсирам :) Метар по метар, дај боже ќе се искачам и до Голем Кораб. Здравје. Немав болки во нозете, само што спиев од 17 часот во неделата до 8 часот во понеделникот.
Фотки драги мои се надевам дека ќе видите на друг блог.

Орден 

Ова мора да го споделам со вас...На метар од мене го гледам орденот кој по повод 8 септември ќе го добијат Киро Глигоров и постхумно Борис Трајковски. Мислам, уау...
Орденот е убаво спакуван во кафеава кутија на која со златни букви е напишано Орден на Република Македонија. Орденот е составен од два дела. Едниот дел се носи околу врат, а другиот е баш, онака орден. Има и црвена лента со панделка. Уау човече. Изработен е од злато и тежи околу 320 грама. Има облик на сонценце, а во средината има црвен рубин. Велат изработен е од злато директно од трезорот на Народна банка.
Инаку ова се првите ордени во самостојна држава Република Македонија.

петок, август 26, 2005

Грижа на совест? 

Во моменти кога се чувствувам истоштено од работата денеска и кога слушам грегоријанска музика, ми текна на баба ми Тодорка. Прекрасна жена, која беше многу напред во своите сфаќања за разлика од својата генерација и која не поддржуваше мене, брат ми, мајка ми, татко ми во се што ќе направевме и ни дозволуваше да правиме се што ќе ни текне. Па, дури и ако сакавме да и ја демолираме куќата. Ни го даваше дури и тоа задоволство. Не претерувам. Се сеќавам на ситуации кога мајка ми реагираше нервозно и ќе и се “истуреше“ нејзе. Таа пак, смирено ќе ја убедуваше дека ќе се средат работите и се ќе биде во ред се додека е таа жива. Беше ненормално добра поддршка. Во таквите ситуации се чудев како може баба ми да има толку смирувачка и англеска фаца, кога мајка ми буквално чури. Нормално, на мајка ми после тоа ќе и беше криво зошто така изреагирала. Ама баба ми секогаш ја разбираше. Пред извесно време и јас така и се изразвикав на мајка ми. Дури тогаш сфатив. Дури тогаш ме заболе и ми беше криво. Баба ми почина, па...има повеќе од 10 години. Мајка ми уште жали по нејзе. Што е нормално. Ама ја чувствувам дека ужасно ја боли што понекогаш и се дерела така, наместо да ужива во нејзиното присуство. Си поставувам прашање. Дали мора и треба да се воздржувам од нервозни испади за да не зажалам после?
За жал, понекогаш реагираме спонтано, без да размислиме на последиците. Вриштиме, урламе, се караме. И често на луѓе кои тоа не го заслужуваат. Самоконтролата му е мајка? Зарем треба да се нервираме во себе само за да ги заштитиме другите од дополнителни нервози? Извинете ако сум конфузна во овој пост. Ама ова морав да го изразам црно на бело.

вторник, јули 19, 2005

Summer time 

Другарчиња, од вчера сум на одмор. Три недели ќе ме нема на блогов. Но, ветувам дека ќе ви донесам многу интересни постови, само бидете стрпливи.
Среќно лето, високи температури, ладен пијалок и добро друштво. Enjoy!!!!!

четврток, јули 07, 2005

PISSED OFF 

“Every day of my life I'm forced to add another name to the list of people who pissed me off„.

Ова драги мои е натписот на мојата омилена маица која ја купив кога имав 14 години. Плава е. Буквите на ова погоре напишаното се жолти, а под нив се наоѓа едно многу налутено дете, со фризура со боцки. Маицата ја купив веднаш штом ја видов. Ја купив со парите од мојата заштеда. Не знам колку пари чинеше, ама уште се сеќавам на реакцијата на my mother кога ја виде маичката. Ја носев со гордост и се курчоперчев секаде каде што ќе одев. Ја имам уште. Спомен-обележје на мојот пубертет во кој бев тивок борец. Ама маичката зборуваше и зборува се. Ја најдов пред некој ден кога си ги средував работите. А, да, заборавив да ви кажам дека си ја носам во куфер секаде каде што одам. Во овој период кога ја пронајдов, се наоѓам баш во таков pissed off период. Повеќе немам боцкава и кратка фризура, ама ме држи она Every day of my life...

П.С. Мора да напоменам дека иако има периоди кога, овакво де, pissed off сум, но листата на мојот список не е долг.

Black and I 



Велат дека бојата на облеката го открива карактерот на човекот. Еве колегава до мене вели дека није тачно. Ама за мене, на пример е. Прво да објаснам која ми е омилената боја. Црната ladies and gent's. И да носам фармерки, тексас сукња или маслинесто-зелени пантолони, кафеави пантолони и слично, обавезно носам црна маичка. Или блуза. Велат дека црната боја значи елеганција, но и несигурност во самиот себе. Е, за ова не се согласувам зашто носам црно бидејќи така најдобро се чувствувам. Ако носам црно се чувствувам многу сигурно. Црната боја почна да ми станува омилена кога го поминував мојот пубертетски период. Моите ме отекоа да не носам. Па, имаше натегања и така. Пред неколку месеци бев на терен во тетовско. Нормално носев црно. Една бабичка ме праша што се случило, да не починал некој. И реков:таков ми е стилот. А, па да добро мода си е мода, бече нејзиниот одговор. Ама и понатаму се чудеше како сум облечена во црно од глава до петици. На работа иста приказна. А, облечам некоја друга боја, веднаш забележуваат. Нормално, мислам!!! А, облечам нова црна маичка, никој око не му трепнува. Не ми е важно дали ќе забележат или не. Искрено. Важно ми е да ми ја почитуваат мојата заштитна боја. На апсолвентска вечер бев елеганстно во црно, на свадбите на моите две најдобри другарки, пак бев во елегантно црн аутфит. Во град, црно, на работа, црно, чак што више и дома црно. Ич мува не ме лази. So what?
P.S. by the way, од другите бои (но, во помали количини) носам бело, маслинесто-зелено, кафеаво и потрокалово. Но, задолжително ги комбинирам со црно.

среда, јули 06, 2005

Роби 



Онака за ќејф :)

петок, јули 01, 2005

Мите Богоевски е жив и има 30 години 

Типот се вика Мите Богоевски. Има 30 години. Работи на проекти, не знам точно за што конкретно. Мислам дека е женет и ми паѓа некоја подалечна рода од страната на мајка ми. Не се зафркавам мојот подалечен роднина е жив, не бил борец, ама гордо го носи името на дедо си. Мите Богоевски. Во градот каде што живее, едно од основните училишта го носи називот „Мите Богоевски“. Има и улица со такво име. Не знам дали овој Мите живее на улицата Мите, ама врти-сучи се среќава со називи со „неговото“ име, односно со името на дедо му. Последен пат кога се видов со Мите Богоевски, ми раскажа многу интересна приказна. Поточно-две. Едната беше за тоа како го наместиле убиството на дедо му, а втората, дека во одредени ситуации луѓето се збунуваат кога Мите ќе им каже како се вика и како се презива. Нејсе. Првата прича беше дека на дедо му му наместиле заседа во селото Болно кое се наоѓа во преспанскиот регион, и тоа од никој друг туку од неговиот зет. По завршувањето на Втората светска војна зетот на Мите Богоевски бил назначен за главна фаца во КПМ и добил ептен солидна служба. Семејството на сегашниот Мите Богоевски знаат за ова, но колку-толку сепак комуницираат со „зетов“. Требало куќата на борецот Мите да се реновира и да стане спомен-куќа. Но, пак се вмешале отстрана и идејата останала само тоа. Идеја.
Искрено да ви кажам многу ме заинтригира целава работа и неговите зборови просто ги голтав. Изразот на лицето на Мите се менуваше од минута во минута. Како раскажуваше што се се иподесило, така и гримасите му стануваа се понервозни и пострашни. Збореше Мите со емоции и со видно вознемирување заради таквата неправда.
Втората работа што ви спомнав беше за неговото име. Мите вели дека му се случило луѓето да се збунат кога ќе го слушнат целото име и презиме. Еднаш некоја теткица од Скопје го прашала: Па, нели е тоа улица?

[Top]